İlayda Çakırtekin
22 Мај 2025•Ажурирај: 23 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Франција денес изрази подготвеност за понатамошни санкции на земјата против Израел, велејќи дека нивото на човечко страдање во Газа е неподносливо, јавува Анадолу.
„Нема да се двоумиме да преземеме понатамошни мерки, вклучително и таргетирани национални санкции“, изјави портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Кристоф Лемоан, на неделниот брифинг за медиумите.
Тој рече дека се „подготвени“ да преземат „конкретни мерки“ доколку Израел продолжи со својата офанзива во Газа и потврди дека „ништо не е исклучено“ во врска со санкциите, иако додаде дека за нив ќе се дискутира на „европско ниво“.
„Нивото на човечко страдање во Газа е неподносливо. Најавите што вчера ги даде Израел за дозволување на влез на минимална количина храна во Појасот Газа се целосно недоволни“, истакна Лемоан.
Тој ја повика израелската Влада да ги запре своите воени операции во Газа и „веднаш“ да дозволи влез на хуманитарна помош.
„Израел мора да стави крај на (градењето на) населбите, кои се нелегални и ја поткопуваат одржливоста на палестинската држава, како и безбедноста и на Израелците и на Палестинците“, додаде Лемоан.
Тој повтори дека Франција „силно ги поддржува“ напорите што ги вложуваат САД, Катар и Египет за прекин на огнот во Газа.
„Решени сме да ја признаеме палестинската држава како придонес кон постигнување дводржавно решение и сме подготвени да соработуваме со другите“, нагласи Лемоан.
Тој рече дека Франција го поздравува преиспитувањето на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, додавајќи дека одлуката ќе ја донесат сите земји членки.
„Ова е важна точка, бидејќи Договорот за асоцијација е рамковен договор што ги регулира односите меѓу Израел и Европската Унија, кој вклучува одредби за политички дијалог, мерки за соработка, а исто така и комерцијални мерки. Затоа, преиспитувањето што се иницира ќе биде исклучително значајно“, додаде Лемоан, нагласувајќи го фактот дека ЕУ е еден од главните пазари на Израел.