Büşra Nur Bilgiç Çakmak
01 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
ПАРИЗ (АА) - Франција денес го прекина учеството во поморската мисија на НАТО, „Sea Guardian“, во водите на Медитеранот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според написот на францускиот весник „Л’Опинион“ (L'Opinion), постојаниот претставник на земјата во НАТО, Муриел Доменах, вчера испратил писмо до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за да го информира за одлуката.
Париз избра да се повлече од мисијата поради неодамнешните тензии со Турција во источниот дел на Медитеранот.
Франција минатата недела тврдеше дека Турција вознемирила еден од нејзините бродови што учествувал во мисијата на НАТО во Средоземното Море. Турските воени претставници ги негираа обвинувањата.
Столтенберг изјави дека официјалните претставници на НАТО го испитуваат инцидентот и додаде: „Двајцата сојузници на НАТО имаат тотално различни ставови за она што се случило.“
Но, сите се согласуваат „дека ние треба да ги поддржиме напорите на ОН за изнаоѓање на политичко решение за конфликтот во Либија“, додаде Столтенберг.
Анкара и Париз од неодамна се во несоглсување поради нивните спротивставени политики во Либија, земја разорена од граѓанската војна која трае од соборувањето на Муамер Гадафи во 2011 година.
Турција ја поддржува легитимната Влада во Либија, признаена од ОН. Турските власти ја обвинуваат Франција за продлабочување на конфликтот со поддршката на воениот пучист Калифа Хафтар.
Меѓународно признатата влада е под напади на силите на Хафтар од април 2019 година, во кои загинаа над 1.000 лица.
Во март, силите на либиската Влада ја започнаа операцијата „Бура на мирот“ против нападите на Хафтар врз главниот град, а неодамна зазедоа и стратешки локации, меѓу кои и воздухопловната база „Ал-Ватија“ и стратешкиот град Тархуна.
Операцијата на НАТО „Sea Guardian“ е мировна безбедносна мисија во Средоземното Море, проширена во 2016 година, со цел да се одржи „поморската подготвеност, спречување и спротивставување на тероризмот и зајакнување на способностите“, според Алијансата.