İlayda Çakırtekin
03 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денес ги потврди плановите за соработка со други нации во рамките на „мирна операција“ која треба да помогне во повторното отворање на стратегискиот Ормуски Теснец, во екот на зголемените тензии на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
„Сакаме повторно да го отвориме Ормускиот Теснец“, изјави Макрон за студентите на Универзитетот „Јонсеи“ за време на неговата посета на Јужна Кореја.
Тој појасни дека Франција соработува со други земји за планирање на мирна мисија за придружба на танкерите и товарните бродови низ овој клучен воден пат.
Макрон додаде дека операцијата ќе се потпира на „механизам за деконфликција со Иран“ штом ќе се воспостави прекин на огнот или постабилна ситуација.
Според неговите зборови, целта е да се обезбеди прекин на огнот и сеопфатни преговори за „меѓународната заедница да има целосен преглед и соодветен мониторинг на нуклеарните активности, балистичките капацитети и регионалните посредници што ги користи Иран“.
Ормускиот Теснец, низ кој поминуваат околу 20 % од количината на глобалното снабдување со нафта, е во прекин откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран, што предизвика нагло покачување на цените на енергенсите.
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати мешани сигнали во врска со плановите на Вашингтон за овој воден пат, но истовремено ги повика и другите земји, вклучително и Франција, да помогнат во заштитата на оваа клучна транзитна рута.