Selen Temizer
05 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, оваа недела ќе отпатува за Киев на средба со украинскиот претседател Владимир Зеленски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на ЕК, Ерик Мамер, на Твитер објави дека Фон дер Лајен ќе отпатува во Киев придружувана од високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Засега не се познати деталите за посетата на европските претставници.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, исто така, минатата недела беше во Киев на средба со украинскиот претседател, на кој, како што кажа таа, му „пренела порака на надеж“.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека најмалку 1.430 цивили биле убиени, а 2.097 ранети за време на руско-украинската војна од 24 февруари во Украина. Повеќе од 4,21 милион цивили побегнале во соседните земји.