Gamze Türkoğlu Oğuz
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Сѐ уште се чувствува влијанието на ураганот Ирма, кој минатата недела ги погоди Карипските Острови, а потоа американската сојузна држава Флорида, јавува Anadolu Agency (AA).
По ураганот Ирма, 13 милиони лица, односно две третини од населението на Флорида нема пристап до електрична енергија, а 180.000 лица живеат во засолништа.
Властите соопштија дека шест лица загинале во налетот на ураганот во оваа сојузна држава, а поправката на електричните линии може да трае и со недели.
Исто така, се истакнува дека еден носач на авиони на поморските сили помага во спасувачките операции во Флорида.
Ураганот одзеде четири животи во сојузните држави Џорџија и Јужна Каролина, додека бројот на загинатите на Карипските Острови се искачи на 35 лица.
Поради ураганот Ирма беше организирана најголемата евакуација во историјата на САД, односно беше евакуирана една третина од населението на Флорида, т.е. 6,5 милиони лица.
Исто така, во сојузните држави Северна Каролина, Јужна Каролина, Џорџија и Вирџинија делумно беше прогласена вонредна состојба.