Atila Altuntaş
17 Мај 2022•Ажурирај: 18 Мај 2022
СТОКХОЛМ (АА) - Финскиот претседател, Саули Нинисте, истакнувајќи дека Турција зазела цврст став против членството на Финска и Шведска во НАТО, рече дека тоа ќе се реши со конструктивни преговори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нинисте е во дводневна официјална посета на Шведска, при што се обрати во шведскиот Парламент, каде што присуствуваше и шведскиот крал Карл XVI Густаф.
Оценувајќи ги резервите на Турција во однос на приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО, Нинисте рече: „Турција во последните денови го промени својот позитивен став кон членството на Финска и Шведска во НАТО и зазеде прилично остар став. Верувам дека ова може да се реши преку конструктивни преговори.“
Нинисте истакна дека многу настани биле фактори во процесот на аплицирање за членство во НАТО и дека загриженоста за безбедноста се зголемила со руско-украинската војна.
„Русија ги ограничи опциите на околните земји да можат да се заштитат себеси. Таа ситуација и окупацијата на Украина го поттикна ова. Затоа, решивме да аплицираме за членство во НАТО“, нагласи Нинисте.
Потенцирајќи дека Финска и Шведска дејствувале заеднички во процесот на НАТО, Нинисте истакна дека апликацијата за членство во НАТО заедно ќе ја поднесат во Брисел.