Финска и Шведска предлагаат построги економски санкции кон Русија
„Сметаме дека руската закана е долгорочна. Тоа значи дека треба да продолжиме со притисокот без оглед на евентуалниот прекин на огнот или мировен договор“
ЖЕНЕВА (АА) - Финска и Шведска предложија нови и построги економски санкции против Русија, вклучително и поопсежни давачки за увоз и ограничувања на извозот, пренесува Анадолу.
Финскиот јавен радиодифузен сервис ИЛЕ (YLE) објави дека предлозите биле изнесени од министрите за надворешни работи на двете земји за време на заедничкото присуство на безбедносната конференција во Шведска вчера.
„Сметаме дека руската закана е долгорочна. Тоа значи дека треба да продолжиме со притисокот без оглед на евентуалниот прекин на огнот или мировен договор“, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен пред новинарите во Сален.
Како што истакна, Финска и Шведска предложиле зголемување на царинските давачки за сите производи и услуги увезени од Русија, како и воведување нови ограничувања на извозот, вклучително и за луксузни предмети.
Шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард, рече дека капацитетот на Русија да ја продолжи војната во Украина во голема мера зависи од нејзините приходи од енергија. „Затоа предлагаме целосна забрана за бродови што транспортираат нафта, гас или јаглен од руските пристаништа до пристаништата на ЕУ“, рече таа.
Според Стенергард, забраната на ЕУ за увоз на ѓубрива од Русија би можела да предизвика „загуба од 1,4 милијарди евра“ во руската економија и целта е предлозите да се вклучат во следниот пакет санкции на ЕУ.
Двете министерки, според ИЛЕ (YLE), ја нагласиле потребата ЕУ да ја намали својата зависност од Русија, укажувајќи дека руските ѓубрива би можеле да се заменат преку домашно производство и зголемен увоз од други земји.
Изјавите дојдоа за време на тридневната безбедносна конференција Риксконференсен, на која присуствуваат политички лидери, експерти и меѓународни учесници за да разговараат за прашања од безбедносната политика.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
