Büşra Selvi Öğütcen
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
АНКАРА
На филипинскиот остров Минданао, сместен во јужниот дел од земјата, се случи земјотрес со интензитет од 6,5 степени. Во оваа природна несреќа животот го загубија 3 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Научниот институт за вулкани и земјотреси на Филипини соопшти дека епицентарот на земјотресот бил во подрачјето Тулунан на градот Котабато, на длабочина од 2 километри.
Според веста што ја објави „Си-ен-ен Филипини“ („CNN Philippines“), Министерството за социјална заштита на Филипини соопштило дека според првичните проценки, во земјотресот од 6,5 степени загинале 3 лица, а 6-мина се повредени.
Во веста се вели дека загинатите во земјотресот се од градовите Макилала и Котабато.
Под урнатините на една зграда во Давао извлечени се 6-мина повредени кои се однесени на лекување.
Земјотресот се почувствувал и во градовите Кидапаван, Коронадал и Гингуг.
Неделава, на 29 октомври подрачјето Кисанте го потресе земјотрес со интензитет од 6,6 степени, при што загинаа најмалку 8 лица, а стотици беа повредени.