Zehra Ulucak
28 Август 2019•Ажурирај: 29 Август 2019
АНКАРА
На отворено море во подрачјето Замбоанга дел Норте на Филипините избувна пожар на еден патнички брод. Во несреќата животот го загубија 4 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави интернет-страницата „Rappler“, Ролито Каталуна, здравствен службеник на градот Дапитан, соопштил дека на патничкиот брод кој патувал на релацијата Џебу - Дапитан избувнал пожар во кој животот го загубиле 4 лица, меѓу кои и едно дете на 2-годишна возраст.
Каталуна изјави дека од бродот се спасени 111 патници и 30 членови на екипажот, додавајќи дека околу четириесетина лица се водат како исчезнати, од кои 7 членови на екипажот сѐ уште се наоѓаат на бродот кој е во пламен.
Чери Роуз Манај, официјален претставник на филипинската Крајбрежна стража за подрачјето на Замбоанга дел Норте, информираше дека на бродот се наоѓале 150 патници и 37 членови на екипажот.
Патниците кои успеале да се спасат од бродот во пламен, по поминатата лекарска контрола се сместени во хотел во градот Диполог.
Сѐ уште нема никакво соопштение во врска со причината поради која избувнал пожарот.
Локалните медиуми објавија вести во кои наведуваат дека некои патници, во паника поради пожарот на бродот, скокнале во морето, а подоцна биле спасени од рибарските и карго бродови кои минувале во близината.