Emre Gürkan Abay
29 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека доколку Украина посакува испорака на природен гас и постигнување договор за транзит на природниот гас преку Украина, тогаш администрацијата на Киев треба да се откаже од правните побарувања, јавува Anadolu Agency (AA).
Песков во своето обраќање пред новинарите истакна дека вчера во Брисел се одржал троен состанок меѓу Русија, Украина и Европската Унија за природниот гас, давајќи проценка за средбата.
Песков, изјавувајќи дека Русија на споменатата средба во Брисел го истакнала својот став, додаде: „Според тој став, сметаме дека за испораката на природниот гас за Украина и потпишувањето на договор за транзит на природниот гас преку Украина, потребно е администрацијата од Киев да се откаже од правните побарувања.“
Руската енергетска компанија „Гаспром“ и украинската компанија „Нафтогас“ во 2014 година една против друга поднесоа тужби до Арбитражниот институт на Стопанската комора во Стокхолм. „Нафтогас“ во тужбата тврди дека компанијата „Гаспром“ не ги исполнила своите обврски за испорака на природен гас и од „Гаспром“ побара исплата на 17 милијарди долари.
Пред извесен период Арбитражниот институт во Стокхолм, за несогласувањата меѓу „Гаспром“ и „Нафтогас“ пресуди во корист на украинската компанија. Арбитражниот комитет досуди дека „Гаспром“ треба да ѝ исплати на „Нафтогас“ 2,56 милијарди долари поради неисполнувањето на своите обврски кон украинската компанија.
По донесувањето на пресудата, во некои европски земји се конфискувани средствата на „Гаспром“ поради неисполнувањето на обврските.