Mücahit Oktay
28 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
ЊУЈОРК (АА) ‒ Наредена е евакуација на 2,5 милиони луѓе долж брегот на Мексиканскиот Залив пред пристигнувањето на ураганот Ијан, кој е на пат кон Флорида и се очекува да го погоди брегот вечерва, јавува Агенција Анадолија (АА).
На автопатите има километарски колони, а распродадени се и авионските карти.
Се очекува ураганот да го погоди брегот со разорни ветришта со брзина од 200 километри на час и обилни врнежи.
По предупредувањето од Федералната агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (ФЕМА), жителите на американската сојузна држава Флорида побрзаа на пазарите за да набават залихи на пијалаци и храна. Повеќето полици во маркетите останаа празни. Жителите на различни начини се обидуваа да ги заштитат своите домови и работни места.
Директорот на ФЕМА на Флорида, Кевин Гатри, рече дека на 2,5 милиони жители им е наредено да се евакуираат.
Тој наведе дека ураганот се движи кон север, па затоа би било подобро населението да се движи кон исток и југ наместо на север.