Beyza Binnur Dönmez
13 Јуни 2024•Ажурирај: 14 Јуни 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Бројот на присилно раселени лица во 2023 година низ светот достигна 120 милиони, бројка која нагло се зголемува 12-та година по ред, соопшти денес Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), јавува Анадолу.
Истакнувајќи дека новата бројка претставува „историско ново ниво“, УНХЦР во извештајот вели дека таа ги одразува и новите и конфликтите кои мутираат и „неуспехот во решавањето на долготрајните“ кризи.
„Бројката ќе ја направи глобално раселената полулација еквивалентна на 12-та по големина земја во светот, со големина на Јапонија“, се вели во извештајот.
Агенцијата го посочи конфликтот во Судан како „клучен фактор што ги зголемува бројките, бидејќи од април 2023 година во земјата се регистрирани повеќе од 7,1 милион нови раселувања, и други 1,9 милиони надвор од земјата“.
„На крајот на 2023 година, вкупно 10,8 милиони Суданци беа принудени да ги напуштат своите огништа“, се додава.
Дополнително, во извештајот се вели дека милиони биле внатрешно раселени минатата година поради жестоките борби во Демократска Република Конго и Мјанмар.
Наведувајќи ги проценките на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), се истакнува дека до 1,7 милиони луѓе, односно 75 отсто од населението, се раселени во Појасот Газа поради „катастрофалното насилство“, при што некои бегалци „бегале повеќе пати“.
Се додава дека Сирија останува „најголемата светска криза кога станува збор за раселување“, со 13,8 милиони присилно раселени во и надвор од земјата.
„Зад овие остри и растечки бројки лежат безброј човечки трагедии. Тоа страдање мора да ја поттикне меѓународната заедница да дејствува итно за да се решат основните причини за присилното раселување“, рече Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци, во соопштението за медиумите.
„Крајно време е завојуваните страни да ги почитуваат основните закони на војната и меѓународното право“, рече Гранди, нагласувајќи дека бројките на раселените „ќе продолжат да растат, носејќи свежа мизерија и скапи хуманитарни одговори“ без подобра соработка и заеднички напори за решавање на конфликтите, кршењето на човековите права и климатската криза.
Најголемиот пораст на бројките на раселувањето дојде од поединци кои бегаат од конфликт и остануваат во нивната земја на потекло. Според Центарот за следење на внатрешното раселување, оваа бројка се искачи на 68,3 милиони луѓе, што претставува речиси 50 отсто зголемување во текот на изминатите пет години.
Бројот на бегалци и други луѓе на кои им е потребна меѓународна заштита достигна 43,4 милиони, покажуваат податоците на УНХЦР и УНРВА. Поголемиот дел од бегалците се сместени во соседните земји, а 75 отсто живеат во земји со низок и среден приход кои колективно придонесуваат со помалку од 20 отсто во глобалниот БДП.
Извештајот откри дека на глобално ниво, над пет милиони внатрешно раселени лица и милион бегалци се вратиле во своите места на потекло во 2023 година. Имено, повторното населување се зголемило на 154.300 минатата година.
„На бегалците, и на заедниците што ги примаат, им треба солидарност и подадена рака. Тие можат и придонесуваат за општествата кога ќе бидат вклучени“, рече Гранди.
„Подеднакво, минатата година, милиони луѓе се вратија дома, што претставува важна трошка надеж. Решенија постојат, видовме земји како Кенија кои го предводат патот во инклузијата на бегалците, но за тоа е потребна вистинска посветеност.“