Hasan Esen
17 Декември 2020•Ажурирај: 18 Декември 2020
ЛОНДОН (АА) - Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) за првпат ќе обезбеди итна помош за Велика Британија за да помогне во исхраната на децата погодени од економските проблеми предизвикани од новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на „Скај њуз“ (Sky News), УНИЦЕФ ќе донира 25 илјади фунти на добротворната организација „School Food Matters“.
Добротворната организација овие средства ќе ги искористи за да обезбеди илјадници кутии со појадок на деца и семејства кои имаат потреба од областа Саутварк во Лондон за време на двонеделните божиќни празници.
„Оваа одлука на УНИЦЕФ за итна помош во Велика Британија е донесена за да се помогне на семејствата кои имаат најголема потреба од помош, погодени од економските проблеми предизвикани од епидемијата на коронавирусот“, истакна Ана Кетли од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Велика Британија.
- „За срамење“ -
Ангела Рејнер од најголемата опозициска Лабуристичка партија, критикувајќи ја Владата, рече: „Срамота е што УНИЦЕФ се вклучи да ги храни гладните деца на нашата земја. За тоа треба да се срамат Борис Џонсон [премиерот] и Риши Сунак [министерот за финансии].“
Истакнувајќи дека Велика Британија е една од најбогатите земји во светот, Рејнер додаде: „Нашите деца не треба да се потпираат на хуманитарни организации кои работат во воени зони и во регионите на природните катастрофи.“
Ричард Бургон, исто така пратеник на опозициската Лабуристичка партија, на својот профил на Твитер напиша: „Сиромаштијата е политички избор. Владата може да стави крај на детската сиромаштија во Англија, осигурувајќи екстремно богатите да плаќаат фер даноци. Тој одбива да го стори ова.“
- „Ние сме решени да ги поддржиме семејствата“ -
Во изјавата дадена од Владата во врска со ова прашање се наведува дека таа е решена да ги поддржи семејствата со ниски примања во периодот и по пандемијата: „Ја започнавме програмата за зимски грант за Ковид-19 од 170 милиони фунти, за да им помогнеме на децата и семејствата да се исхранат и да се стоплат во најстудените месеци.“
Истражувањето спроведено по барање на Фондацијата за храна реализирано во мај покажа дека 2,4 милиони деца (17 проценти од децата во земјата) живеат во домови каде што нема гаранција дека ќе бидат нахранети. Во октомври повеќе од 900.000 деца се пријавија за училишниот ручек.