Ömer Faruk Yıldız
02 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
ЖЕНЕВА
Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека околу 1 милијарда деца во светот се под закана од негативните последици од климатските промени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Високиот советник на УНИЦЕФ за клима, енергија и животна средина, Гаутам Нарасимхан, на денешната прес-конференција во Канцеларијата на Обединетите нации во Женева ги оцени ефектите од климатските промени врз децата.
Осврнувајќи се на предвидувањето во извештајот објавен од страна на Светската метеоролошка организација дека „последните 7 години може да бидат најтоплите години досега, Нарасимхан нагласи: „Според новиот извештај подготвен од УНИЦЕФ, две третини од земјите во светот во нивните климатски планови не им даваат приоритет на децата.“
Нагласувајќи дека климатската криза е всушност криза со правата на децата, Нарасимхан рече дека според извештајот за Детскиот индекс на климатски ризик објавен од УНИЦЕФ во август, „99 отсто од 2,2 милијарди деца во светот се погодени од климатските промени, како што се топлотните бранови, урагани, поплави, суша и аерозагадување“.
Нарасимхан, посочувајќи дека околу 1 милијарда деца во светот се соочуваат со заканите од климатските промени, рече: „Климатските шокови може да го загрозат образованието, животниот стандард, како и здравјето на децата.“
Меѓу другото, високиот советник на УНИЦЕФ, Насимхан, упати повик до меѓународната заедница да ги „зголеми инвестициите во климатската адаптација и солидарноста“, „да ги намали емисиите на стакленички гасови за здравјето на децата“ и „да ги вклучи младите во процесите на одлучување и преговарање во врска со климата“ за да децата да не бидат негативно погодени од природните настани поврзани со климатските промени.