Bayram Altuğ
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Фондот на Обединетите нации за помош на децата (УНИЦЕФ) соопшти дека во југоисточниот дел на Нигерија, терористичката организација Боко Харам од почетокот на оваа година досега употребила 83 деца како „живи бомби“, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на УНИЦЕФ, Марикс Меркадо, на прес-конференцијата организирана во канцеларијата на ОН во Женева соопшти дека минатата година како живи бомби биле искористени 19 деца, додека оваа година, во периодот јануари – август, бројот на децата „живи бомби“ се искачи на 83.
Портпаролката Меркадо рече дека нема зборови со коишто може да ја објасни ваквата состојба, додавајќи дека од 83 деца, 55 се девојчиња, а 27 момчиња, а не е одреден полот на бебето кое било искористено во еден бомбашки напад.
Меркадо изјави дека Боко Харам не ја презема одговорноста за секој самоубиствен бомбашки напад, но истакна дека останатите вооружени групи не користат таков вид тактика во своите напади.
Таа во името на УНИЦЕФ искажа голема загриженост поради користењето на сѐ поголем број деца како живи бомби во Нигерија.
Портпаролката на УНИЦЕФ истакна дека најголеми жртви во насилните напади што од 2009 година ги спроведува терористичката организација Боко Харам се децата, и додаде дека УНИЦЕФ им дава секаков вид психолошка поддршка на децата кои се спасени од рацете на Боко Харам. Со цел децата повторно да се вклопат во општеството, УНИЦЕФ спроведува заедничка програма со нивните родители.
- Загинаа 20.000 цивили -
Портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарните прашања при Обединетите нации (ОН), Јенс Ларке, рече дека во насилствата што се случија во Нигерија од 2009 година досега, животот го загубиле околу 20.000 лица, додека 1 милион и 700 илјади цивили ги напуштиле своите домови.
И покрај успешните операции што се спроведуваат во последните години, терористичката организација Боко Харам со своето постоење претставува сериозна безбедносна закана за Нигерија, која е земја со најбројно население во Африка.
Организацијата во Нигерија дејствува од 2000 наваму, а започна да врши насилни напади откако нивниот лидер Мухамед Јусуф почина во притвор во 2009 година.