Bahtiyar Abdülkerimov
01 Мај 2022•Ажурирај: 02 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, денес се сретна со претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, во главниот град Киев, соопшти Претседателството, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски ѝ се заблагодари на Пелоси и сподели видео од нејзината посета, што не беше однапред најавена. „Благодарен сум ви за овој сигнал на силна поддршка од Соединетите Американски Држави“, истакна Зеленски.
Тој ѝ го додели Орденот на принцезата Олга на Пелоси за нејзиниот „значаен личен придонес“ за зајакнување на американско-украинската соработка и поддршка на „суверена, независна и демократска“ Украина.
Пелоси истакна дека делегација од Конгресот допатувала во Киев „за да испрати непогрешлива и гласна порака до целиот свет: Америка цврсто стои до Украина“.
Претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД рече дека дополнителна американска поддршка е на пат изразувајќи надеж дека ќе биде усвоен пакетот помош од 33 милијарди долари за Украина што го побара претседателот Џо Бајден.
Делегацијата ќе ја посети и Полска, која прими најголем број украински бегалци, за да му се заблагодари на државниот врв „за посветеноста и хуманитарните напори“.
Русија започна, како што ја нарече, „специјална воена операција“ против Украина на 24 февруари. Западот вели дека Русија започна неиспровоцирана агресивна војна и воведе строги санкции кон Москва.
Во војната загинаа илјадници, а своите огништа ги напуштија над 10 милиони Украинци, од кои над 5 милиони во соседните земји.