Bahattin Gönültaş
27 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски побара од лидерите на Г7 да обезбедат поголема помош во оружје, вклучително и системи за противвоздушна одбрана, против Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски преку видеоконференција се обрати на Самитот на лидерите на Г7, што се одржа во палатата Елмау во Баварија, Германија.
Претседателот Зеленски побара од лидерите на САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија на Украина да ѝ достават повеќе оружје, вклучително и системи за противвоздушна одбрана.
Повикувајќи ги лидерите на земјите од Г7 да воведат повеќе санкции против Русија, Зеленски побара да му помогнат на Киев да извезува житни култури и да се обезбеди финансиска помош за обнова на Украина.
Од друга страна, на вториот ден од Самитот на лидерите на Г7, меѓу најважните прашања за кои се разговара се војната во Украина и нејзините ефекти врз храната, енергетската безбедност и глобалната економија.
Лидерите на Г7 денеска на петтата сесија треба да разговараат за инвестициите за подобра иднина во климата, енергетиката и здравјето.
Во попладневните часови, лидерите ќе присуствуваат на шестата сесија насловена „Глобална безбедност на храната, родова еднаквост“.
На оваа сесија, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, преку видеоконференција ќе разговара со лидерите за глобалната криза со храна.
Вториот ден од самитот ќе заврши со вечера на лидерите на Г7 и нивните сопруги.