Davit Kachkachishvili
22 Април 2023•Ажурирај: 24 Април 2023
ЗАПОРОЖЈЕ (АА)
- Давит КАЧКАЧИШВИЛИ
Украинските војници што се борат на фронтот против руската агресија во исто време минуваат обука за различни видови оружје, известува Анадолу.
Во Украина, каде судирите меѓу двете војски траат повеќе од една година, припадниците на Украинските вооружени сили, што се наоѓаат на фронтот, се обидуваат да ги зголемат своите борбени вештини минувајќи обука кога не се на првите борбени линии.
Бидејќи во повеќемесечните судири меѓу руската и украинската војска во украинските региони, како што се Доњецк, Харков, Луганск, Херсон и Запорожје, се користи различно оружје, украинските војници минуваат обуки за користење на сите видови оружје.

Од голема важност е воениот персонал да се обучи со воената опрема за да се навикне на користење на различното оружје што е купено или е испратено како помош од сојузничките земји.
Екипата на Анадолу, со посебна дозвола на Вооружените сили на Украина, ја следи програмата на воената обука што е организирана за украинските војници во регионот Запорожје.
Во текот на обуката во која учествуваат и лица кои поради војната доброволно се приклучиле на војската, се спроведуваат активности за гаѓање од домашно и странско оружје.

Обуката се одржува на широко подрачје во близина на фронтот на Запорожје, а гаѓано е од повеќе видови оружје, како што се оклопни возила, противтенковски топови, митралези, минофрлачи и противоклопни средства.
Во текот на обуката активно се користени и јуришни и извидувачки беспилотни летала, а на стрелиштата се одржани и вежби на снајперисти.
Одбивајќи симулирачки напад на непријателот во текот на вежбата, украинските војници отворија интензивен оган врз позициите на „непријателот“ со поддршка на копнените оклопни средства и беспилотни летала од воздух.