Davit Kachkachishvili
25 Ноември 2022•Ажурирај: 29 Ноември 2022
БАХМУТ (АА) - Екипата на Агенција Анадолија влезе во украинскиот град Бахмут кој граничи со Доњецк, главното жариште во руската војна која трае веќе девет месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Градот е напуштен од неговите жители бидејќи руските напади ја уништуваат инфраструктурата и ги попречуваат основните услуги како гас, струја и вода.
Оние што останале, избегнуваат да излегуваат надвор и остануваат сместени во засолништа.

Граѓаните кои одеа во соседните села да купат вода за пиење, храна и други производи, сега се соочија со друг проблем, бидејќи е уништен мостот во центарот на градот преку кој излегуваа од градот.
Некои луѓе се принудени да патуваат на голема оддалеченост со велосипеди во потрага по храна и вода, додека други ги ризикуваат своите животи одејќи по цевки среде река.
Пред војната, градот беше дом на 80.000 жители. Сега, 90 отсто од жителите се евакуирани во побезбедни области.

Анатолиј (56) со месеци живее во подрумот на својот стан.
Тој рече дека неговата сопруга и децата се преселиле на безбедно место, но тој одлучил да продолжи да живее во својата куќа.
„На почетокот на војната останував дома, но сега кога се користат воени авиони и тешко оружје, се спуштам во подрумот и останувам таму цело време. И другите луѓе живеат на овој начин.“
„Деноноќно слушаме силни експлозии“, рече тој.

Наталија Роменскаја (64) им дели хуманитарна помош на жителите на Бахмут од подрумот на нејзината куќа.
Таа, исто така, им дозволува на луѓето да останат во подрумот.
„Нашите услови за живот се влошуваат како што продолжува војната“, рече таа.