Bahtiyar Abdülkerimov
22 Март 2022•Ажурирај: 23 Март 2022
КИЕВ (АА) - Во замена за ветената парична награда еден руски војник им го предаде на Вооружените сили на Украина тенкот со кој управуваше, објавија украинските власти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Виктор Андрусив, советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, на социјалните мрежи објави дека уште еден руски војник доброволно им се предал на Вооружените сили на Украина.
Андрусив наведе дека украинските власти работат на откривање на мобилните телефонски броеви на украинските оператори што ги користат руските војници, и им праќаат пораки со повици и упатства за да се предадат. Упатствата вклучуваат и повици да ја предадат воената опрема.
„Како резултат на овие напори“, како што наведе Андрусив, „еден руски војник се предаде и го донесе тенкот со кој управуваше.“
„Еден руски војник во замена за награда го предаде тенкот. Пред неколку дена нè повика Мишо. Дадени му се детални упатства каде да дојде и тој дојде. Со беспилотни летала е потврдено дека не е заседа. Потоа се предаде на специјалните сили“, наведе Андрусив во објавата.
По предавањето, рускиот војник изјавил дека останал сам во тенкот и дека останатите членови го напуштиле фронтот.
Андрусив наведе дека на рускиот војник кој се предаде заедно со тенкот ќе му биде исплатена награда од 10.000 долари и дека ќе има можност за стекнување на државјанство во Украина, по војната.