Zehra Ulucak
25 Ноември 2017•Ажурирај: 26 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Кога станува збор за убиствата на жените во светот, во 38 отсто од случаите жените се жртви на мажи со кои тие живеат, а најмалку 35 проценти од жените во еден период од животот се изложени на сексуално или физичко насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
Советот за безбедност на Обединетите нации, како надлежен орган за меѓународниот мир и безбедност, во 2000 година ја усвои Резолуцијата 1325 „Жени, мир и безбедност“, а тоа беше првата што конкретно се фокусираше на влијанието на војната врз жените и девојчињата и со женскиот придонес во решавањето на конфликти и одржлив мир.

Од посебна важност е тоа што со оваа резолуција се повикува на зголемување на учеството на жените во процесите на донесување одлуки, спречување конфликти, во процесите по конфликтот, преговори за мир и во мировни операции.
Иако од усвојувањето на оваа резолуција поминаа цели 17 години, статистиката покажува дека проблемот со насилството врз жените останува глобален проблем.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), најмалку 35 проценти од жените во светот се изложени на сексуално или физичко насилство.
Организацијата за спречување на насилството врз жените и девојчињата (VAWG) покажува дека бројот на жените жртви на насилство во светот е 818 милиони, а податоците на други студии укажуваат на тоа дека на секои 70 до 100 жени доживеале сексуално или физичко насилство.
Она што е, исто така, еден од важните елементи кога станува збор за овој глобален проблем, е тоа што во 38 отсто од случаите на убиства во кои жртви се жени, тие се жртви на мажи со кои живееле заедно.
Според истражувањето од страна на ОН, кое беше спроведено од 2005 до 2016 година и вклучува жени на возраст од 15 до 49 години во 87 земји, 19 отсто од нив една година пред да учествуваат во истражувањето биле подложени на физичко или сексуално насилство.
Исто така, во извештајот на ОН за борба против организираниот криминал и трговијата со дрога (УНОДЦ) за 2016 година, се наведува дека во 71 процент од случаите, жените и девојчињата се жртви на трговија со луѓе, а меѓу нив, три од четири се жртви на сексуална злоупотреба.
Податоците исто така покажуваат дека во светот има околу 750 милиони жени кои влегле во брачна заедница пред навршување 18 години старост.
Според извештаите на УНИЦЕФ од 2016 година, во вкупно 30 земји се наоѓаат 200 милиони девојчиња кои се подложени на генитално осакатување, а кај повеќето од нив тоа е направено пред да наполнат пет години.