Ikrame Imane Kouachi
29 Ноември 2024•Ажурирај: 30 Ноември 2024
ГАЗА (АА) - Во израелските воздушни напади врз два дома во градот Газа денес се убиени најмалку 12 Палестинци, а неколку други беа повредени, соопштија Палестинската цивилна одбрана и медицински извори, јавува Анадолу.
Палестинската цивилна одбрана соопшти дека нејзините тимови извлекле тела на три жртви и спасиле пет повредени лица од урнатините на куќата на семејството Насар.
Цивилната одбрана, исто така, објави дека уште еден израелски напад е извршен врз дом во населбата Ал-Зајтун во Газа, при што се повредени четири лица, кои се пренесени на лекување во Баптистичката болница.
Според медицински извори, во Газа се убиени уште четворица Палестинци, а неколкумина се повредени во израелскиот напад врз група цивили во населбата Тал ал Хава.
Израелските сили продолжија со силно бомбардирање на различни делови од бегалскиот камп Нусејрат втор ден по ред.
Болницата Ал-Авда во кампот Нусејрат извести дека нејзините тимови, заедно со единиците за цивилна одбрана, извлекле пет тела по израелскиот воздушен напад, чија цел била семејна куќа во кампот.
Медицински извор за Анадолу рече дека осум Палестинци исто така се повредени кога израелски хеликоптер нападнал област западно од Деир ал Балах во центарот на Газа.
Изворот додаде дека петмина Палестинци се повредени во израелскиот воздушен напад врз семејна куќа северно од бегалскиот камп Магази во центарот на Газа.
Израел започна геноцидна војна врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври минатата година, при што загинаа над 44.360 луѓе, повеќето жени и деца, а беа повредени повеќе од 105.000.
Втората година од геноцидот во Газа наиде на зголемена меѓународна осуда, при што официјални лица и институции ги означија нападите и блокирањето на испораката на помош како намерен обид за уништување на населението.
Минатата недела Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна против Газа.