Ahmed Asmar
27 Јуни 2024•Ажурирај: 28 Јуни 2024
АНКАРА (АА) - Осум Палестинци се убиени, а неколку други се повредени кога израелската Армија го бомбардираше бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Палестинската официјална новинска агенција Вафа доцна во вторникот објави дека израелската Армија ја гранатирала областа Ал Алами во Џабалија, најголемиот бегалски камп во Појасот Газа, при што се убиени најмалку осум Палестинци, а други се повредени.
Според извештаите, израелските воздушни напади во текот на ноќта биле насочени и кон пет домови низ градот Газа, предизвикувајќи жртви и повредени.
Здравствените власти допрва ќе ги коментираат воздушните напади.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници, започната по нападот на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во Појасот Газа се убиени повеќе од 37.700 Палестинци, повеќето жени и деца, а околу 86.400 се ранети.
По повеќе од осум месеци по почетокот на израелските напади големи делови од Појасот Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна одлука им нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.