Adam Abu-bashal
06 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
АБУЏА - Во нападот на затвор кој се наоѓа во подрачјето Куџе, недалеку од Абуџа, главниот град на Нигерија, животот го загуби едно лице, а околу 900 затвореници се во бегство, известува Агенција Анадолија (АА).
Шуаибу Белгоре, постојан секретар на нигериското МВР, соопшти дека синоќа во затвор кој се наоѓа во подрачјето Куџе извршен е напад по кој се фатени повеќе од 300 затвореници кои избегале.
Белгоре информира дека во затворот во кој се наоѓале 994 затвореници, се трага по околу 600 осуденици.
Тој соопшти и дека во нападот животот го загубил еден од чуварите на затворот, а тројца се ранети.
Умар Абубакар, портпаролот на нигериската казнено-поправна служба, објави писмено соопштение во кое информира дека Вооружената единица на казнено-поправната служба на Нигерија и другите безбедносни служби одговориле на нападот и вратен е мирот во затворот, додавајќи дека е воспоставена контрола во објектот.
Локалните жители за АА изјавија дека вооружени напаѓачи пукале речиси 40 минути и во нападот изгореле многу возила.
Тие изјавија дека голем број затвореници избегале за време на нападот, додека некои од нив доброволно се вратиле во затворот по нападот.
Од друга страна, се тврди дека нападот е изведен од страна на членовите на Боко Харам, со цел да ги ослободат затворените членови на организацијата.