Ata Ufuk Şeker
07 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
ХАМБУРГ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека на Самитот Г-20 на лидерите ќе им предложи да се воведат санкциите на ОН против криумчарите со луѓе, и дека ако тоа не се успее, ќе се докаже дволичноста на одредени земји од Г-20 кога е во прашање овој проблем, јавува Anadolu Agency (AA).
Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, одржаа заедничка прес-конференција во Хамбург, пред почеток на Самитот Г-20.
Туск нагласи дека Европа во последните две години води активна борба против илегалните миграции, и порача дека со договорот со Турција и соработката со земјите на Балканот се спречени неконтролираните миграции на рутата на источниот Медитеран.
Тој додаде дека мигрантите и понатаму поминуваат на рутата од Либија кон Италија.
„За да го спречиме тоа, мораме да соработуваме со меѓународната заедница“, изјави Туск.
Тој се осврна и на проблемот со криумчарите со луѓе, и рече дека киднапирањето мигранти станало организиран криминал.
„Само во Либија, криумчарите со луѓе минатата година оствариле профит од 1,6 милијарди долари. Овие луѓе на тој начин контролираат еден дел од државата, и со тоа ја дестабилизираат“, изјави Туск.
Тој укажа на фактот дека невини луѓе ги губат своите животи и потсети дека оваа година, животот во морските води го загубиле повеќе од 2.000 лица, а повеќе од тоа во пустините.
„На Самитот Г-20, на лидерите ќе им предложам против криумчарите со луѓе да се имплементираат санкциите на ОН. Тие санкции се однесуваат на одземање на имотот и забрана за патување. Ако тоа не успее, ќе биде докажана и дволичноста на одредени земји од Г-20“, изјави Туск.
Претседателот на Европската комисија, Јункер, изјави дека ЕУ забележала најниска стапка на невработеност во последните девет години.
Како што рече тој, во Унијата во последните четири години се реализирани 10 милиони работни места, а моментално во ЕУ работат 232 милиони лица.