Murat Özgür Güvendik
09 Јануари 2021•Ажурирај: 11 Јануари 2021
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Турција преку порака упати сочувство до Индонезија за загинатите во несреќата, во која се сруши патнички авион, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во пораката се наведува дека со голема жалост ги примиле информациите за несреќата и за загинатите, чија бројка надмина 60 лица.
„Ја споделуваме болката на братскиот и пријателски народ на Индонезија. Од Господ посакуваме милост за загинатите во несреќата, а упатуваме сочувство до нивните семејства“, се вели во пораката.
Инаку, патничкиот авион на авиокомпанијата „Сривиџаја“ (Sriwijaya), со кој беше изгубен контактот во Индонезија, паднал во морето.
Министерот за транспорт на оваа земја, Буди Карја Сумади, на прес-конференција истакна дека авионот се срушил пет минути по полетувањето.
Тој нагласи дека во авионот се наоѓале 12 лица од екипажот и 50 патници, и дека авионот се срушил на отворени води помеѓу Лаки и островот Ланџанг, северно од индонезискиот главен град Џакарта.
Тимовите на Националната агенција за пребарување и спасување соопштија дека нашле некои делови за кои се претпоставува дека се делови од авионот.