Ekipa
30 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Турција, Русија и Иран, како гаранти на мировниот процес за Сирија, се согласни за неопходноста од заштита на територијалниот интегритет, суверенитет, независност и целост на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Женева денес напладне почнува заседанието на Уставотворната комисија на Сирија, која се состои од по 50 делегати од опозицијата, режимот и од цивилното општество на Сирија.
Станува збор за тело формирано во рамките на мировниот процес во Астана, а шефовите на дипломатијата на Турција, Русија и Иран синоќа на состанокот во Женева усогласија заедничка изјава во престојниот процес на креирање нов устав на Сирија, кој треба да го трасира патот на политичко решавање на кризата во таа земја.
Министрите на трите земји, Мевлут Чавушоглу, Сергеј Лавров и Џавад Зариф, вчера заедно се состанаа и со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен.
Чавушоглу, Лавров и Зариф порачаа дека формирањето на Уставотворната комисија на Сирија е доказ дека нема воено решение за кризата во таа земја.
Во заедничката изјава се наведува дека Турција, Русија и Иран се залагаат за конкретен политички процес, кој сириските делегации ќе го водат под покровителство на ОН и врз основа на постоечката резолуција на Советот за безбедност, и ќе бараат трајно решение на конфликтите и кризата.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, изјави дека заседанието на Уставотворната комисија е голем успех на мировниот процес. Тој се осврна и на неодамнешниот договор на Турција и Русија за повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од северниот пограничен појас на Сирија во кој Турција има намера да воспостави безбедносна зона за доброволно враќање на бегалците.
„Русија нè извести дека се повлекле припадниците на ПКК/ЈПГ. Мораме да им веруваме на нашите руски партнери, но не можеме да им веруваме на терористите“, изјави Чавушоглу.
И првиот дипломат на Русија, Лавров, истакна дека заседавањето на Уставотворната комисија е голем чекор во процесот и заедничка победа на сите актери во тој процес.
Шефот на иранската дипломатија, Зариф, изјави дека со заседавањето на Уставотворната комисија започнува особено тежок процес.
„Комисијата мора да биде сириска и нејзината работа мора да ја прифати сирискиот народ. Комисијата не можат да ја водат странци“, порача Зариф.