Tuba Şahin
20 Февруари 2021•Ажурирај: 22 Февруари 2021
АНКАРА
Дирекцијата за одбранбена индустрија на Турција (SSB) ангажира водечка американска адвокатска компанија за да добие стратешки совети за заштита на своите права во програмата за производство на борбените авиони Ф-35, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неименуван извор за АА рече дека договорот го потпишале компаниите „SSTEK Defense Industry Technologies“, подружница на Дирекцијата за одбранбена индустрија на Турција (SSB), и компанијата „Arnold & Porter“ од Вашингтон.
Истиот извор рече дека договорот ги покрива правните совети за побарување на досегашните права на Турција, а не и советите поврзани со задржувањето на таа земја во програмата.
Турција од почетокот е вклучена во американската програма за производство на борбените авиони Ф-35, а челниците на САД во 2019 година соопштија дека ќе ја исклучат Турција од програмата поради нејзиното купување на рускиот ракетен одбранбен систем С-400.
Официјален Вашингтон тврди дека турското купување на системот С-400 може да ја компромитира сигурноста на леталото Ф-35, а Турција порачува дека тие тврдења се неосновани и предлага формирање независна комисија што ќе го разјасни тоа прашање.
Челникот на Дирекцијата за одбранбена индустрија на Турција (SSB), Исмаил Демир, оцени дека исклучувањето на Турција од програмата Ф-35 претставува едностран и незаконски потег и порача дека таа земја ќе преземе потребни чекори да ги заштити своите права.