Selçuk Acar
30 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот пица-мајстор, Хаки Акдениз, кој живее во Њујорк, направи огромна пица со знамето на Соединетите Американски Држави (САД) и бесплатно им ја подели на граѓаните на Њујорк по повод „Денот на сеќавањето“, кој секоја година се одбележува во мај, во чест на загинатите американски војници, јавува Anadolu Agency (AA).
Пица-мајсторот Акдениз од турскиот град Дијарбакир, направи шестметарска пица во форма на знамето на САД, во неговиот ресторан во Њујорк, по повод Денот на сеќавањето којшто секоја година се одбележува на последниот понеделник од мај.
Турскиот пица-мајстор оваа огромна пица им ја подели на бездомниците, а покрај ова, во текот на денот им раздаде пица и на војници и пензионирани војници.

Акдениз во својата изјава за АА нагласи дека користејќи различни состојки во подготовката, ја направил најголемата пица со знамето на САД.
„Во чест на Денот на сеќавањето, којшто го слават 300 милиони луѓе, сакав да направам нешто што никој досега не го направил“, истакна Акдениз, посочувајќи дека ова го направил и по повод новоотворениот ресторан.
- Војниците и бездомниците изразија благодарност за турскиот пица-мајстор -
Војниците кои јадеа од пицата на Акдениз истакнаа дека овој гест ја рефлектира важноста и значањето на Денот на сеќавањето.
Еден пензиониран војник кој дојде во ресторанот на турскиот пица-мајстор за да ја вкуси неговата пица, посочи дека моментално е бездомник. Тој истакна дека во Њујорк има милиони дуќани, но, како што рече тој, само турскиот пица-мајстор им раздал бесплатна пица по повод овој ден. Тој му се заблагодари на Акдениз за овој негов гест.
Турскиот пица-мајстор еден период живеел во дом за бездомници поради тоа што немал пари и немал каде да живее, а потоа се вработил во турски ресторан.
Меѓу другото, станал светски шампион на натпревар за правење пица, а потоа ја основал својата компанија. Тој минатата недела го отвори десеттиот пица-ресторан во Њујорк.
Денот на сеќавањето, кој секоја година се одбележува во последниот понеделник од мај, е државен празник во САД.