АНКАРА (АА) - Навршија три месеци од почетокот на војната што Русија ја започна на 24 февруари во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин издаде наредба за започнување „специјална воена операција“ во источна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Руските воени единици влегоа во регионите под контрола на украинската Влада од сепаратистичките области Доњецк и Луганск, а во исто време се префрлија од руската граница кон областите Харков, Суми и Чернихив, а преку Белорусија до регионот на Чернобил. Руската Армија донесе војници низ Крим во областа Херсон и Мелитопол. Во околината на Киев беа испратени воздушни и копнени единици, каде што беа опколени.
Во вториот месец од војната, руските трупи се повлекоа од Киев и регионот Чернигив, а украинските трупи ја вратија контролата. Во главниот град Киев животот почна да се враќа на улиците, а процесот на враќање на нормалниот живот продолжува во сенка на војната во другите украински региони.
Руската Војска често користи високопрецизно оружје со долг дострел, насочено кон цели во стратешките области на Украина. Во последниот месец, особено по одлуките на САД и европските земји да ја зголемат поддршката за оружје за Украина и испораката на тоа оружје, руската Армија почна да истрелува ракети со висока прецизност кон возилата и магацините со оружјето што пристигна од Запад.
Руската Војска соопшти дека возилата на НАТО кои превезуваат оружје во Украина се легитимни цели на руската Војска. Украина ја обвини руската Армија за убивање и ранување цивили во тие напади.
- Падот на Мариупол и отпорот на Харков -
Заедно со нападите врз објектите на воената инфраструктура, руските сили уште од почетокот на војната ги опсадуваат Харков и Мариупол. Меѓутоа, украинската Војска пружи многу силен отпор во овие градови.
Судирите меѓу украинските и руските војници во регионот на Харков сè уште траат. Украинските власти објавија дека ја вратиле контролата врз некои населени места во регионот и дека продолжуваат да пружаат силен отпор на руските напади.
Во првиот месец, руската Армија се фокусираше на заземање стратешки градови на брегот на Азовското Море и го зазеде пристанишниот град Бердјанск. Во третиот месец од војната, Мариупол, еден од најважните пристанишни градови во Украина на Азовското Море, падна под руска контрола по долга опсада. Меѓутоа, руската Армија наиде на силен отпор од украинските сили и кај Мариупол. По неколкудневни борби, Мариупол беше речиси целосно уништен.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека 2.439 украински борци, кои се криеле во засолништата на локацијата на металуршкиот комбинат „Азовстал“, се предале и го положиле оружјето. Украинската страна тврди дека овие лица се предале под услов да се разменат затвореници. Со влегувањето во фабричкиот комплекс „Азовстал“, руската Армија ја презеде целосната контрола над Мариупол.
- Припојување на Херсон кон Русија -
Херсон е еден од градовите каде што руската Армија ја презеде контролата. Воспоставен е регион во кој се користи руската рубља, а руските сили најавија дека руската валута целосно ќе се користи во тој град до крајот на годината.
Во медиумите имаше и тврдења дека Русија планира да одржи референдум и да го припои Херсон. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го привлече вниманието кон оваа можност и рече дека украинскиот народ сам ќе си ја одреди судбината.
- Интензивирање на војната во источна Украина -
Во текот на април, војната се пресели главно во источна Украина, каде што последиците од војната се видливи на секој чекор. Според украинскиот Генералштаб, руските воени единици ги интензивирале нападите и ја презеле контролата врз некои населени места во источна Украина.
Руската Војска исто така соопшти дека почнала да ги концентрира своите сили во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина за да го „ослободи Донбас“, што според Москва е главната цел на „специјалната операција“. Оваа концентрација на руските сили не резултираше со големи успеси на фронтот.
Иако руската Армија објави дека успеала да стигне до административните граници на градот Луганск, во соопштението на американскиот Пентагон се наведува дека руските сили не ги постигнуваат посакуваните и планирани цели.
Украинските сили продолжија да ги напаѓаат и областите на Доњецк и Луганск, кои се под контрола на проруските сепаратисти, а имаше и цивилни жртви.
- Напади на руска територија -
Руските сили се повлекоа од фронтовите покрај северната украинска граница и оттогаш има интензивирање на нападите од таа област на руска територија.
Минофрлачките гранати и авионски проектили повредија и цивили во руските погранични населби, но погодија и голем број стратешки важни цели.
- Конфликти на Змискиот Остров -
Заедно со овие настани, Русија ги засили нападите во областите Одеса и Миколаев. Од втората недела на мај, конфликтите се интензивираат околу Змискиот Остров, кој има стратешка позиција во југозападна Украина во Црното Море. Островот е под руска контрола од почетокот на војната, отпорен на жестоките напади на украинската Армија.
Руското Министерство за одбрана во соопштението од 10 мај соопшти дека украинската Армија загубила вкупно четири авиони, десет хеликоптери, 30 дронови, три оклопни воени бродови и повеќе од 50 војници во тридневниот конфликт на Змискиот Остров.
- Страв од прелевање на војната во Молдавија -
Неодамнешните изјави на руските власти во врска со регионот на Придњестровје ги зголемија стравувањата дека војната од Украина може да се прошири и во Молдавија.
Рустам Минекаев, заменик-командант на Централниот воен округ на Руските вооружени сили, рече дека преземањето на контролата врз јужна Украина ќе обезбеди излез за руското јазично население на Придњестровје.
Набргу по оваа изјава, зградата на Министерството за државна безбедност во Тираспол беше нападната со ракетен фрлач. Следуваше експлозија на антенските столбови што го обезбедуваа радиопреносот. Сличен напад се случи и кај селото Воронково. Некои локални жители ја напуштија областа.
- Сè уште нема јасна изјава за бројот на загинати во војната -
Руските власти соопштија дека 1.351 руски војник загинал, а 3.825 биле ранети во првиот месец од војната во Украина. Оттогаш, Москва не известува за загубите на фронтот во Украина.
Руските власти тврдат дека украинската Армија изгубила 23.367 војници за време на војната. Украинските власти тврдат дека досега загинале 29.350 руски војници.
Ниту украинската, ниту руската страна не дадоа прецизни извештаи за билансот на цивилни жртви.
- ОН: Бројот на украински бегалци надмина 6,5 милиони -
Според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), од 24 февруари до 22 мај Украина ја напуштиле 6.552.971 лице, од кои повеќе од половина заминале во Полска.
Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), секој шести жител е внатрешно раселено лице поради актуелната војна, а тоа се околу 7,7 милиони луѓе.
Според Високиот комесаријат за човекови права на ОН, од почетокот на војната во Украина најмалку 3.381 цивил ги загубиле животите, а 3.680 цивили се ранети.
- Прекинати мировните преговори -
За време на војната, делегациите на Русија и Украина одржаа четири рунди директни мировни преговори, три во Белорусија и една во Турција.
Во Белорусија, страните можеа да договорат само хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од конфликтните зони.
По иницијативите за посредување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, руската и украинската делегација преговараа во Истанбул на 29 март, а украинската страна потоа ѝ ги достави на Русија принципите за можен иден писмен договор.
Во предметниот текст се наведува одбивањето на Украина да се приклучи кон НАТО, стабилизацијата на неутралниот статус на Украина, напуштањето на нуклеарното и другото оружје за масовно уништување, одбивањето да се распоредат странски војници и бази во земјата и да се одржат воени вежби во Украина со согласност на земјите гарант, вклучително и Русија.
Беше наведено дека безбедносните гаранции нема да важат за териториите на Крим и Донбас, а за возврат нема да има приговори за членството на Украина во Европската Унија.
Украинската страна на 17 мај објави дека ситуацијата во Украина е многу променета од почетокот на војната и дека ги прекинале преговорите со Русија.
news_share_descriptionsubscription_contact
