Dilara Karataş
04 Јули 2024•Ажурирај: 05 Јули 2024
ВАШИНГТОН (АА) – Поранешниот претседател и кандидат на претседателските избори што ќе се одржат во ноември во Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, изјави дека неговиот ривал и актуелен претседател Џо Бајден ќе се повлече од изборната трка, јавува Анадолу.
На социјалните мрежи беше објавено видео од Трамп како на терен за голф разговара за можноста Бајден да се повлече од изборите и кандидатурата на неговата заменичка Камала Харис.
Критикувајќи ја „лошата изведба“ на Бајден во предизборната ТВ-дебата, Трамп рече дека тој завршил одлична работа и го опиша својот ривал Бајден како „стар и мизерен“.
Во разговорот Трамп тврдеше дека Бајден ќе се повлече од изборите.
„Тој ја напушта трката, што значи дека Камала останува“, рече Трамп.
Трамп ја нарече патетична актуелната потпретседателка на САД, Харис, но верува дека таа сепак би била подобар кандидат од Бајден.
Бајден е цел на критики во САД по ТВ-дебатата во живо со Трамп во која се очекуваше да ги аргументира обвинувањата на опозицијата дека е премногу стар за втор мандат на чело на земјата.
По дебатата во директен пренос, некои функционери и поддржувачи на Демократската партија, исто така, почнаа да сугерираат дека Бајден треба да се повлече од претседателската трка.
Во рамките на Демократската партија веќе подолго време се разговара за можноста за кандидатура на Харис.
Демократот Лојд Догет беше првиот член на Претставничкиот дом на САД кој го повика Бајден да се повлече од изборната трка.
Членот на претставничкиот дом на Демократската партија, Џејмс Клибурн, кој го поддржа Бајден на претходните избори, рече дека ќе ја поддржи Харис доколку Бајден се повлече.
Од друга страна, Белата куќа соопшти дека претседателот Бајден нема да се повлече од претседателската трка.