Трамп тврди дека има „апсолутно право“ да воведува царини по одлуката на Врховниот суд
Трамп упати критики до судот преку својата социјална платформа Truth Social, велејќи дека институцијата „непотребно ги ограбила“ САД
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има „апсолутно право“ да воведува нови царини откако американскиот Врховен суд донесе одлука дека многу од давачките за увоз што тој ги воведе минатата година се незаконски, јавува Анадолу.
Трамп упати критики до судот преку својата социјална платформа Truth Social, велејќи дека институцијата „непотребно ги ограбила“ САД.
Тој тврди дека судот „одлучил потенцијално да им подари билиони долари на земји и компании што со децении ги искористуваат САД“.
Во февруари Врховниот суд пресуди дека законот наменет за справување со национални вонредни состојби законски не оправдува многу од царините што администрацијата на Трамп ги воведе за земјите низ светот.
Трамп брзо воведе 10% царини за стоки од поголемиот дел од светот користејќи друг закон, член 122 од Законот за трговија од 1974 година, според „Гардијан“.
Сепак, овие мерки истекуваат по 150 дена, односно во јули. Иако претседателот вети дека ќе ја зголеми оваа привремена царина на 15%, тој сè уште не ја спровел таа промена.
Минатата недела американските официјални претставници иницираа неколку трговски истраги, што потенцијално отвора пат за нова рунда постојани царини што би ги замениле оние што беа поништени.
„Нашиот Врховен суд ги усреќи овие земји, но како што посочи и самиот суд, јас имам апсолутно право да наплаќам царини во друга форма и веќе започнав да го правам тоа“, напиша Трамп на својата платформа.
Сепак, во одлуката на Врховниот суд не е наведено дека претседателот има „апсолутно право“ да воведува царини во друга форма.
