Трамп со критики за Си-ен-ен и Њујорк тајмс за нивните тврдења дека со нападот врз Иран не е постигната целта
- Специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф: „Протекувањето на ваков вид информации, без разлика какви се информациите, е скандалозно. Ова е предавство на државата и затоа треба да се истражи.“

ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини Си-ен-ен и Њујорк тајмс дека „лажат“ за нивните тврдења дека нападот на САД врз нуклеарните постројки на Иран не ја спречил целосно способноста на Техеран да произведува нуклеарно оружје, известува Анадолу.
Во објава на својот профил на социјалната платформа Трут социјал, Трамп ги критикуваше вестите објавени во американските медиуми во кои се тврди дека нападот врз нуклеарните постројки на Иран „не влијаел целосно на нуклеарните постројки, туку само нивната работа ја одложил за неколку месеци“.
„Каналот за лажни вести Си-ен-ен, заедно со неуспешниот Њујорк тајмс , формираа тим за да го прикажат неефикасен еден од најуспешните воени напади во историјата“, објави американскиот претседател Трамп.
Трамп во објавата наведе:
„Нуклеарната постројка во Иран е целосно уништена. И Њујорк тајмс и Си-ен-ен безмилосно се критикувани од јавноста“, обвинувајќи ги влијателните американски медиуми за објавување лажни вести.
По нападите извршени од американските бомбардери Б-2 и подморници врз три ирански нуклеарни постројки, Трамп на различни социјални платформи објави дека нуклеарниот капацитет на Техеран е „целосно уништен“.
Сепак, некои медиуми во САД тврдеа дека тоа не е вистина, туку дека може да се создаде ефект што би можел да ја одложи нуклеарната работа на Иран за неколку месеци.
- Специјалниот претставник на Трамп, Виткоф, сподели детали за уништувањето на нуклеарните објекти на Иран
Специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, ги негираше тврдењата во американските медиуми, објаснувајќи детално дека како резултат на воздушните напади врз Иран се уништени нуклеарните капацитети на администрацијата на Техеран.
Зборувајќи во живо за Фокс њуз, Виткоф истакна:
„Испративме 12 бомби што пробиваат бункери до Фордо (иранскиот нуклеарен објект). Нема сомнение дека тие ја пробиле заштитната обвивка и уништиле сѐ.“
Одговарајќи на тврдењата објавени од американските медиуми, Виткоф рече:
„Протекувањето на ваков вид информации, без разлика какви се информациите и на која страна се, е скандалозно. Ова е предавство на државата и затоа треба да се истражи. И кој и да го сторил ова, кој и да е одговорен за ова, треба да биде повикан на одговорност.“
Истакнувајќи дека ги прочитал не само извештаите на САД, туку и извештаите на други земји, Виткоф рече дека целосно е смешна веста што имплицира дека целта не е постигната.
Зборувајќи за иранскиот нуклеарен објект Исфахан, исто така, „постројка за конверзија“ неопходна за метализирање на материјалот на крајот од збогатувањето, специјалниот претставник на Трамп излезе со тврдењето:
„Колку што знаеме, целосно е уништен објектот за конверзија во Исфахан, единствен објект во Иран што може да го направи тоа.“
Виткоф, исто така, изјави дека Израел претходно нападнал два други подземни нуклеарни објекта што ги бомбардирал „еден по друг“ за да се осигури дека се целосно уништени и дека тој „воопшто не се сомнева“ во резултатот.