Michael Hernandez
30 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Донадл Трамп, во однос на смртоносните бомбашки напади во Кабул извршени од страна на талибанците, изјави дека САД нема да преговараат со нив во Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не сакаме да разговараме со талибанците. Можеби некогаш, но треба да помине долго време“, изјави Трамп за време на деловниот ручек со Советот за безбедност на ОН во Белата куќа.
Талибанците презедоа одговорност за двата големи терористички напади кои се случија во Кабул овој месец.
Самоубиствениот бомбашки напад во саботата одзеде повеќе од 100 животи, а над 200 лица беа повредени. Експлозивот бил сокриен во импровизирано амбулантно возило активирано пред Министерството за внатрешни работи.
Една недела претходно, милитантната група го нападна хотелот „Интерконтинентал“ (Intercontinental) при што загинаа над 20 локални и странски гости.
„Кога ќе видиме што прават, и злосторствата кои ги извршуваат и го убиваат својот народ во кој има многу невини жени и деца, тоа е страшно“, рече Трамп.
„Поради тоа, нема да преговараме со талибанците. Не го сакаме тоа. Ќе го завршиме она што е потребно. Она што никој не беше во можност да го заврши, ние ќе успееме во тоа“.
САД се во Авганистан откако на 11 септември 2001 година беа извршени терористичките напади во САД. Талибанците, кои му обезбедија засолниште на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, и покрај предупредувањата од САД, беа поразени, но повторно ја зазаедоа територијата.
Трамп минатата година објави нова стратегија за борба против талибанците, фокусирајќи се на зголемувањето на воената активност против групата заедно со притисокот од Пакистан за потиснување на талибанците во рамките на нивните граници.
Целта беше групата да се стави на преговарачка маса. Но, ова сега можеби е далеку од сегашните забелешки на Трамп.