Hakan Çopur
08 Јуни 2018•Ажурирај: 09 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, рече дека Русија треба повторно да се врати во Г-7, од каде што беше отстранета во 2014 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на САД, Трамп, во изјава за медиумите пред тргнување кон Канада за да учествува на Самитот на Г-7, разговараше околу овој самит.
На новинарско прашање околу Русија, Трамп потсети дека Русија е отстранета од Г-7 по анексијата на Крим во 2014 година, и истакна дека Русија треба повторно да се врати во Г-7. „Русија треба да биде присутна на овие состаноци, треба да биде дел од тоа“, додаде тој.
Трамп нагласи дека тој самиот е најстрогото лице против Русија, и дека за време на претседателските избори во 2016 во САД, не постоела некоја тајна соработка меѓу неговиот изборен тим и Москва.
Меѓу другото, Трамп рече дека во последните денови помилувал некои лица, користејќи ја својата надлежност, но и дека ќе продолжи да ја користи оваа надлежност.
Трамп истакна дека мисли да ја поништи казната на легендарниот боксер Мухамед Али кој почина во 2016 година, која ја доби кога во 1967 година одби да оди во војска.
Трамп рече дека пред себе има една листа од 3.000 лица, и дека во наредните години ќе помилува нови имиња.
Тој се осврна и на претстојната средба со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, на 12 јуни во Сингапур, истакнувајќи дека е подготвен за овој самит, и дека во текот на својот живот се подготвувал за вакви средби.