Michael Hernandez
17 Јули 2019•Ажурирај: 17 Јули 2019
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера изјави дека САД нема да ѝ ги продадат на Турција напредните борбени авиони од типот „Ф-35“, поради набавката на рускиот противвоздушен систем „S-400“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ситуацијата во која се наоѓаат е многу тешка. Исто така претставува тешка ситуација и за нас во САД“, изјави Трамп за новинарите за време на состанокот на Кабинетот во Белата куќа.
„Ќе видиме што ќе се случи, тоа не е баш фер“, додаде тој.
Министерството за одбрана на Турција соопшти дека е продолжена испораката на одбранбениот ракетен систем „S-400“, кој оваа земја го набавува од Русија.
По долготрајните безуспешни напори за купување систем за противвоздушна одбрана од Соединетите Американски Држави (САД), Анкара одлучи во 2017 година да го купи рускиот систем „S-400“.
Американските официјални претставници потоа ја повикаа Турција да ги купи американските проектили „Патриот“, тврдејќи дека рускиот систем ќе биде некомпатибилен со системите на НАТО и ќе ги изложи воените авиони „Ф-35“ на можни руски интриги.
Турција, сепак, нагласи дека „S-400“ нема да биде интегриран во системите на НАТО и дека нема да претставува закана за Алијансата. Турција повика на формирање комисија за разјаснување на какво било техничко прашање, но САД не дадоа одговор на овој предлог.