Трамп: Односите меѓу САД и Јапонија ќе бидат посилни од кога било досега
- Претседателот Трамп вети непоколеблива поддршка за Токио, велејќи ѝ на Такаичи дека САД ќе бидат тука за „секое прашање, секаков сомнеж, сè што сакаат, секоја услуга која им е потребна“ опишувајќи ги двете нации како сојузници „на највисоко ниво“
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот со новоизбраната јапонска премиерка Санае Такаичи во Токио изјави дека односите меѓу САД и Јапонија ќе достигнат „невидена сила“, јавува Анадолу.
„Отсекогаш сум имал голема љубов и почитување кон Јапонија и ќе кажам дека ова ќе биде однос што ќе биде посилен од кога било досега“, рече Трамп.
Тој вети непоколеблива поддршка за Токио, велејќи ѝ на Такаичи дека САД ќе бидат тука за „секое прашање, секаков сомнеж, сè што сакаат, секоја услуга која им е потребна“ опишувајќи ги двете нации како сојузници „на највисоко ниво“.
Трамп, исто така, призна дека Јапонија значително го зголемува својот воен капацитет, истакнувајќи дека Вашингтон добил „нарачки за многу голема количина нова воена опрема“.
Тој рече дека билатералната трговија достигнала историски нивоа, додека двете земји се подготвуваат да потпишат нов договор кој е „многу фер“.
„Исто така, би сакал да ви честитам што сте првата жена премиер. Тоа е голема работа“, рече тој.
Такаичи рече дека Токио „би сакал да оствари нова златна доба на јапонско-американскиот сојуз, каде што и Јапонија и САД ќе станат посилни, а воедно и попросперитетни“.
Taa додаде дека ja цени „непоколебливата посветеност на Трамп кон мирот и стабилноста“, велејќи дека за кратко време „светот почнал да ужива во повеќе мир на терен“.
Двете земји „развија најголем сојуз во светот и заедно со вас, Јапонија е подготвена да придонесе за мирот и стабилноста“, додаде таа.
Таа, исто така, повтори дека Јапонија ја користи дипломатијата „за заштита на сопствените национални интереси“, како и изрази подготвеност за унапредување на понатамошната соработка со Вашингтон кон нивната „заедничка цел за постигнување слободен и отворен Индо-Пацифик“.
Такаичи, исто така, се посвети на зајакнувањето на „националната моќ на Јапонија, имено дипломатијата, одбранбените капацитети, економската моќ, технологијата, разузнавањето и човечките ресурси“.
Според извештајот на „Ен-би-си њуз“, јапонската премиерка, исто така, објави дека го номинира Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир. Трамп претходно беше номиниран за наградата од други земји, вклучувајќи ги Пакистан, Азербејџан и Камбоџа.
По состанокот, САД и Јапонија потпишаа два договори што се однесуваат на зајакнувањето на алијансата и безбедноста на стратешките минерали.
Првиот документ спроведува претходен договор што би „им помогнал на двете земји да ја зајакнат економската безбедност, да го промовираат економскиот раст и со тоа континуирано да водат кон глобален просперитет“, според соопштението на Белата куќа.
Лидерите им наложија на надлежните министри „да преземат понатамошни чекори за нова златна ера на постојано растечкиот сојуз меѓу САД и Јапонија“.
Вториот договор воспоставува рамка за да се обезбеди снабдување со критични минерали и ретки земни метали преку рударство и преработка.
Двете земји планираат да користат економски и инвестициски инструменти за да го забрзаат развојот на „разновидни, стабилни и фер пазари“ за овие материјали, со поддршка од владите и приватниот сектор, вклучувајќи грантови, заеми, гаранции и осигурување.
Во рок од шест месеци, двете земји планираат да обезбедат финансиска поддршка за избрани проекти, произведувајќи материјали за испорака во САД, Јапонија и „земји со слични размислувања“.
Билатерален министерски состанок за инвестиции во рударството, минералите и металите ќе се одржи во рок од 180 дена.
Двете нации, исто така, формираа Група за брз одговор меѓу САД и Јапонија за безбедност на снабдувањето со стратешки минерали, за да ги идентификуваат приоритетните минерали, ранливоста во снабдувањето и да развијат координирани планови за испорака.
По билатералната средба, Трамп и американската делегација се сретнаа со семејствата на Јапонците киднапирани од Северна Кореја.
САД ја потврдија својата поддршка за Јапонија во итно решавање на проблемот со киднапирањето, соопшти Стејт департментот.
Подоцна во текот на денот Трамп ќе ја посети американската поморска база во близина на Токио и ќе го разгледа носачот на авиони со нуклеарен погон „Џорџ Вашингтон“. Подоцна ќе присуствува на состанок со јапонски бизнис-лидери.
По Јапонија, Трамп ќе отпатува во Јужна Кореја на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), каде што ќе се сретне со кинескиот претседател Си Ѓинпинг.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
