Muhammet Nazım Taşçı
27 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека новите царински тарифи кои Индија ги вовела на неговата земја се неприфатливи, и дека тие треба итно да се повлечат, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп, во рамките на Самитот Г-20 во Јапонија, ќе се состане и со индискиот премиер Нарендра Моди, а во врска со таа средба американскиот лидер се огласи на Твитер.
„Се радувам на разговорот со премиерот Моди, со оглед на фактот што Индија со години ставаше високи тарифи против САД. Неодамна тие тарифи се зголемени. Тоа е неприфатливо и тарифите мора да бидат повлечени“, напиша Трамп на социјалната мрежа.
Њу Делхи во февруари оваа година започна да спроведува нови правила во областа на е-трговијата, поради што американската администрација негодуваше, првенствено поради негативниот ефект врз американските е-трговски гиганти „Amazon“ и „Walmart Inc“.
САД на почетокот на месецот најавија дека Индија ќе го загуби статусот на повластен партнер на САД, односно ќе биде исклучена од програмата GTS, со која Вашингтон овозможува бесцарински влез на стока за одредени земји во развој.
Индија, која уште во јуни минатата година најави царини на американскиот увоз во висина и до 120 отсто, но нивното стапување на сила е одложено до завршувањето на преговорите, кон средината на месецот воведе царини на увозот на 28 американски производи, вклучувајќи бадеми и јаболка.
Трговската размена на Индија и САД во 2018 година изнесуваше 142 милијарди долари и беше седумпати поголема отколку во 2001 година. Доколку Индија го загуби статусот на повластен трговски партнер, царините ќе го опфатат индискиот увоз во САД во вредност од 5,6 милијарди долари.