Трамп најави зголемување на царините за алуминиум и челик од 25% на 50%
„Ќе воведеме зголемување од 25%. Ќе ги зголемиме царините за челик во Соединетите Американски Држави од 25% на 50%, што уште повеќе ќе ја осигура индустријата за челик во Соединетите Американски Држави“

ХАМИЛТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти големо зголемување на царините за увоз на челик и алуминиум, удвојувајќи ја стапката од 25% на 50%, опишувајќи го тоа како потег за понатамошна заштита на американската индустрија, јавува Анадолу.
„Денес имам важна објава“, рече Трамп за време на настан во фабриката за челик Ју-Ес Стил во Питсбург, Пенсилванија.
„Ќе воведеме зголемување од 25%. Ќе ги зголемиме царините за челик во Соединетите Американски Држави од 25% на 50%, што уште повеќе ќе ја осигура индустријата за челик во Соединетите Американски Држави, никој нема да може да го заобиколи тоа“, рече Трамп.
Тој истакна дека зголемувањето ќе ги затвори јазовите што странските конкуренти ги користеле за да ги заобиколат претходните царини.
„Значи, ги зголемуваме од 25%, ги удвојуваме на 50%“, додаде тој.
Обраќајќи им се на инвеститорите во американскиот сектор за челик, Трамп рече: „Со 25%, тие можат некако да ја преминат таа ограда. Со 50%, тие повеќе не можат да ја преминат оградата, па честитки до сите, и до вас, за тоа што склучивте одличен договор.“
„Реков дека царина за мене е најубавиот збор во речникот“, додаде Трамп.
Објавата дојде на настан по повод „блокбастер договорот“ помеѓу Нипон Стил и Ју-Ес Стил.
„Денес сме тука за да го прославиме блокбастер договорот што ќе осигури дека оваа позната американска компанија ќе остане американска компанија“, рече тој.
Нарекувајќи ја јапонската Нипон Стил „одличен партнер“, Трамп рече: „Јапонија ми беше огромен пријател во текот на моите години како претседател.“
„Како дел од оваа монументална заложба, Нипон ќе инвестира 2,2 милијарди долари за зголемување на производството на челик тука во Мон Вали Воркс“, рече тој, мислејќи на фабриката за преработка на челик.
„Други 7 милијарди долари за модернизација на челичарниците, проширување на рудниците и изградба на најсовремени објекти во Индијана, Минесота, Алабама и Арканзас“, рече тој. „Тоа ќе создаде и ќе спаси над 100.000 американски работни места.“