Hakan Çopur
18 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ќе биде заштитен, ако се согласи на денуклеаризација на својата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе добие заштита, која ќе биде многу силна“, изјави Трамп за новинарите во Вашингтон, додавајќи дека продолжуваат плановите за претстојниот самит со Ким, иако Северна Кореја претходниот ден се закани дека ќе го откаже состанокот.
Трамп рече дека официјалните претставници на Северна Кореја разговараат за логистичките детали на состанокот на двајцата лидери.
Тој истакна дека е многу важно лидерот на Северна Кореја да ја покаже волјата за постигнување договор за денуклеаризација.
Белата куќа претходно соопшти дека САД продолжуваат со плановите за самитот на американскиот претседател Трамп и севернокорејскиот лидер Ким, кој треба да се одржи на 12 јуни во Сингапур.