Трамп: Индиректно ќе бидам вклучен во преговорите со Иран
„Ќе видиме што може да се случи“
ВАШИНГТОН (АА) – Претседателот Доналд Трамп изјави дека ќе биде „индиректно“ вклучен во нуклеарните преговори помеѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, што ќе се одржат денес во Женева, јавува Анадолу.
„Индиректно ќе учествувам во тие преговори што ќе бидат од голема важност”, рече Трамп во вчерашната изјава за новинарите, на пат кон Вашингтон, на прашањето што очекува од вториот круг на индиректните нуклеарни преговори.
„Ќе видиме што може да се случи“, додаде тој.
Според објавениот распоред, преговорите ќе се одржат со посредство на Оман, во Амбасадата на Оман во швајцарскиот град.
Трамп вели дека Иран е „многу тежок“ преговарач.
„Но, би рекол дека се лоши преговарачи, бидејќи можевме да склучиме договор наместо да испраќаме Б-2 бомбардери за да го уништиме нивниот нуклеарен потенцијал. Мораше да ги испратиме Б-2. Се надевам дека сега ќе бидат поразумни“, додаде тој, повикувајќи се на американските стелт-бомбардери кои извршија бомбардирања на иранските нуклеарни објекти за време на ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел во јуни 2025 година. Иран сака да склучи договор“, повтори претседателот.
„Мислам дека нема да им се допаднат последиците доколку не се постигне договор. Тие сакаат да склучат договор“, рече тој.
Иран и САД ги обновија индиректните нуклеарни преговори во Мускат на 6 февруари под посредство на Оман, скоро осум месеци по суспензијата на преговорите по израелскиот напад врз Иран што предизвика 12-дневна војна.
Оценките од двете страни беа позитивни по последниот круг преговори што се одржаа во услови на зголемени тензии поради военото засилување на САД во регионот на Персискиот Залив.
Збогатувањето на ураниумот останува клучна спорна точка. Иран бара укинување на западните економски санкции во замена за ограничување на нуклеарните активности. САД, во меѓувреме, го повикаа Иран целосно да го запре збогатувањето и да ги префрли своите залихи од високо збогатен ураниум во странство.
Вашингтон исто така се обидува да го прошири опсегот на преговорите за да го вклучи и иранскиот балистички ракетен систем и поддршката за вооружените групи во регионот, додека Техеран повеќепати нагласи дека ќе преговара само за својата нуклеарна програма.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
