Hakan Çopur
07 Јануари 2018•Ажурирај: 07 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека е отворен за телефонски разговор со севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, и дека го смета за позитивно зближувањето на Јужна и Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп во Камп Дејвид се состана со републиканските челници, а во таа пригода се осврна на дипломатското зближување на двете Кореји, по повод Зимските олимписки игри.
Тој нагласи дека тој процес го следи одблизу, и дека е задоволен поради тоа.
„Ова е само почеток. Доколку од овие преговори излезе нешто, тоа ќе биде добро за целото човештво“, порача американскиот претседател.
На новинарското прашање како гледа на разговорот со лидерот на Северна Кореја, Трамп одговори: „Секогаш верувам во разговорот. Тоа би го направил, без проблеми“.
Трамп додаде дека 100 отсто го поддржува подобрувањето на односите на Корејскиот Полуостров.
Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун во новогодишниот говор понуди да испрати делегација на Северна Кореја на Зимските олимписки игри
Пјонгчанг, Јужна Кореја. Северна и Јужна Кореја се сложија да разговараат во врска со Олимписките игри, а преговорите меѓу двете земји би требало да започнат во вторник на границата.
Риом Тае Ок и Ким Џу Сик се единствени севернокорејски спортисти кои ја исполнија олимписката норма. Парот освои бронзен медал, прво за Северна Кореја, на Азијските зимски игри во Јапонија минатата година.
Зимските олимписки игри во Пјонгчанг ќе се одржат од 9 до 25 февруари оваа година.