Ekipa
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двете страни се виновни за насилството и нередите на улиците во сојузната американска држава Вирџинија, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп за време на прес-конференцијата за инфраструктурни проекти во Њујорк, на прашањето на новинарите коментираше и во врска со нередите што се случија за време на протестите на ултрадесничарските групи, кои се борат за доминација на белците, и паралелните антирасистички и антифашистички протести.
„Сметам дека и двете страни се виновни за страотните моменти за нашата земја“, изјави Трамп и додаде дека тоа се лоши луѓе.
Иако многумина, вклучувајќи ги и членовите на Републиканската партија, побараа од Трамп итно да ги осуди националистичкото и расистичко насилство на радикалните групи за таканаречената „бела супремација“, тој дури два дена подоцна го осуди насилството, но прецизно не ги повика одговорните.
„Мојата изјава е одлична. За разлика од вас новинарите и медиумите, јас прво сакам да ги знам фактите и дури потоа да излезам со изјава“, изјави Трамп.
Трамп најде на удар на критиките и поради тоа што одби да го нарече терорист возачот кој со автомобил влета во толпата антидемонстранти, при што погина 32-годишната Хедер Хејер, а беа повредени повеќе лица.
„Тој е убиец и срам за неговото семејство и за земјата“, изјави Трамп за 20-годишниот возач Алекс Филдс.
Претседателот на САД, Трамп, тврди дека сите учесници на протестите за доминација на белците не се расисти и оти за нередите се виновни поединци на двете страни.
„Таа другата, лева страна, прва нападна и вие тоа можете да го наречете како сакате, но тоа е така“, изјави Трамп.