Rabia İclal Turan
20 Ноември 2024•Ажурирај: 21 Ноември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Денес новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го номинираше познатиот турско-американски кардиохирург д-р Мехмет Оз за шеф на Федералната агенција за програмата Медикер и Медикејд при Министерството за здравство на САД, известува Анадолу.
Трамп го опиша Оз како комуникатор од светска класа и еминентен лекар што ќе ги води напорите да се поправи здравствениот систем во земјата.
„Америка се соочува со здравствена криза и можеби нема поквалификуван и способен лекар од доктор Оз да ја направи Америка повторно здрава“, рече Трамп.
Оваа агенција е клучна од аспект на надгледување на покритието на здравственото осигурување за повеќе од 150 милиони Американци, а Трамп рече дека несоодветниот здравствен систем им штети на Американците и го уништува буџетот на земјата.
„Д-р Оз ќе биде лидер во иницирањето на превенцијата на болести, така што ќе ги добиеме најдобрите резултати во светот за секој долар што го трошиме за здравствена заштита во нашата голема земја“, рече Трамп.
Тој рече дека Оз тесно ќе соработува со Роберт Ф. Кенеди Џуниор за решавање на системските проблеми во она што Трамп го нарече индустриски комплекс на болести.
„Доколку биде потврдено, д-р Оз ќе ја води агенцијата одговорна за давање здравствена заштита на повеќе од 150 милиони Американци, надгледувајќи еден од најголемите буџети во федералната влада“, додаде Трамп.
Мехмет Оз (64) претходно учествуваше како републикански кандидат во трката за Сенатот на Пенсилванија во 2022 година, каде што беше поразен.
Тој стана познат како водител на емисијата „Д-р Оз“, долготрајна дневна програма што освои девет дневни награди Еми.
Дипломирал на колеџот Харвард, а магистрирал и докторирал на Универзитетот во Пенсилванија.
Д-р Оз работел како професор по хирургија на Универзитетот Колумбија и автор е на повеќе од 400 медицински публикации.