Rabia İclal Turan
07 Јануари 2026•Ажурирај: 08 Јануари 2026
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека привремените власти во Венецуела се согласиле да префрлат помеѓу 30 и 50 милиони барели санкционирана нафта на САД, кои ќе бидат продадени по пазарна цена, јавува Анадолу.
„Со задоволство објавувам дека привремените власти во Венецуела ќе предадат помеѓу 30 и 50 милиони барели висококвалитетна, санкционирана нафта на Соединетите Американски Држави“, рече Трамп во објава преку неговата компанија за социјални медиуми „Truth Social“.
„Оваа нафта ќе се продава по нејзината пазарна цена, а тие пари ќе бидат контролирани од мене, како претседател на Соединетите Американски Држави, за да се осигурам дека ќе се користат во бенефит на народите на Венецуела и Соединетите Американски Држави!“, додаде тој.
Американскиот претседател рече дека од министерот за енергетика Крис Рајт е побарано да го спроведе планот „веднаш“, при што нафтата ќе биде транспортирана со бродови директно до американските пристаништа за истовар.
Американските сили рано утрото во саботата започнаа опсежни воздушни напади врз цели во северна Венецуела, меѓу кои и системи за противвоздушна одбрана и комуникациска инфраструктура, додека силите за специјални операции влегоа во главниот град Каракас за да ги заробат претседателот на земјата Николас Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес.
За време на првото рочиште во нивното судење за обвиненија поврзани со дрога и оружје, и Мадуро и Флорес се изјаснија за невини по обвиненијата.
Администрацијата на Трамп ја претстави операцијата како дел од повторно спроведување на Доктрината Монро и сузбивање на наводната трговија со наркотици и корупција, а истовремено експлицитно ја поврза со обезбедување влијание на САД врз огромните нафтени резерви на Венецуела.