Mohammed Hamood Ali Al Ragawi
15 Август 2022•Ажурирај: 17 Август 2022
АНКАРА (АА) - Иран денес соопшти дека американската администрација „вербално се согласила“ на две ирански барања за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тие треба да усвојат реален пристап за гаранциите“, рече министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахијан на прес-конференцијата во главниот град Техеран.
„Во однос на двете други преостанати прашања, тие покажаа релативна флексибилност вербално, но тоа треба да се спомене во текстот“, додаде тој.
Високиот дипломат рече дека Техеран ќе го испрати својот одговор на нацрт-текстот на Европската Унија за спас на нуклеарниот договор од 2015 година до вечерва на полноќ.
„Им кажавме дека нашите црвени линии треба да се почитуваат... Покажавме доволно флексибилност... Не сакаме да постигнеме договор што по 40 дена, два месеци или три месеци нема да се материјализира на теренот“, додаде тој.
Нуклеарниот договор беше потпишан во 2015 година од Иран, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и ЕУ, но САД под администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп се повлекоа од договорот во 2018 година.
Во рамките на договорот, Техеран се обврза да ја ограничи својата нуклеарна активност на цивилни цели, а за возврат, светските сили се согласија да се откажат од своите економски санкции против Иран.
Повлекувањето на САД од историскиот договор и повторното воведување санкции го натераа Иран да престане да го почитува нуклеарниот договор.