АНКАРА
Сириската мрежа за човекови права (SNHR), која ги документира кршењата на правата на цивилите во Сирија, со дописникот на Агенција Анадолија (АА) го сподели својот извештај за наставниците приведени од 1 јануари до 15 февруари во областите Хасека, Рака и Деир ез-Зор кои се под окупација на ЈПГ/ПКК.
Во извештајот на мрежата се наведува дека се приведени најмалку 61 наставник кои предавале по стариот образовен систем, наместо по наставната програма наметната од СДГ (терористите на ЈПГ/ПКК).
Од наставниците, 14 се ослободени откако потпишале дека нема да предаваат надвор од наставната програма на организацијата.
-Организацијата следи 550 наставници кои не сакаат да се приклучат во нејзините редови
Во извештајот на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) се наведува дека терористичката организација во провинциите Деир ез-Зор, Рака и Хасека следи околу 550 наставници кои одбиле да се приклучат во редовите на организацијата.
Овие наставници исто така се отпуштени од нивните училишта.
Ахмет Шамти, еден од наставниците чии изјави се вклучени во извештајот на СНХР, рече дека тој бил ослободен откако потпишал дека нема да излезе од наставната програма на организацијата.
Шамти, кој беше приведен во областа Дербесије во Хасека на 19 јануари, ги наведе своите искуства.
„На крајот на 2020 година, некои наставници потпишаа дека нема да предаваат во училиштата лоцирани во области под контрола на режимот. Некои наставници се спротивставија на ова. Безбедносните сили поврзани со СДГ (ЈПГ/ПКК) на 19 јануари извршија рација во куќи и контролни пунктови и ги приведе наставниците кои се спротивставија на барањата на организацијата.“
Шамти, истакнувајќи дека биле задржани во седиштето на организацијата во Дербесије, рече дека се ослободени на 23 јануари поради демонстрациите кои започнале.
Халит Омер, наставник од Деир ез-Зор, со кого СНХР стапил во контакт преку телефон, рече дека бил отпуштен од училиштето бидејќи не пристапил во редовите на ЈПГ/ПКК.
Омер (31), за сето она што му се случувало, нагласи:
„Пред околу два месеци, директорот на училиштето во нашиот град, преку „Ватсап“, ме извести дека моето име е на задолжителниот воен список на СДГ. Оттогаш не можев намира да се движам. Не можам да одам на училиште поради тоа што СДГ ќе ги притвори наставниците кои се бараат.“
Омер истакна дека прекината му е и платата затоа што се наоѓа во бегство.
И Ракали Абдула Али е еден од наставниците кои се наоѓа на списокот на организацијата за „задолжително воено служење“.
Во изјавата за СНХР Али рече дека добиле закана дека доколку не се приклучат во редовите на терористичката организација ќе бидат отпуштени од училиштето.
-ЈПГ/ПКК наметнува идеолошка наставна програма
Терористичката организација за првпат ја смени содржината на наставната програма во основните и средните училишта во 2016 година, а пред три години наметна наставна програма за 10. и 11. одделение. Од минатата година исто така наметна програма за учениците од последната година во средните училишта.
Организацијата заплени и училишта од режимот на Асад и на тој начин го зазеде целиот образовен систем во окупираните региони.
Родителите што сакаат своите деца да ги држат надвор од пропагандата на организацијата, ги запишуваат децата во приватните училишта. Но организацијата изведува рации и во тие училишта заканувајќи се дека ќе ги затвори.
Терористичката организација, во училиштата во областите што ги окупира, влева милитаристички и ставови со предрасуди против исламот.
Организацијата секое утро ги тера децата да извикуваат слогани како што е слоганот „Нема да има живот сè додека нема слобода за нашиот водач Оџалан“.
Во различни поглавја на книгите што се задолжителни има цитати од водачот на терористичката организација ПКК.
На овој начин, во главите на учениците се врежува концептот „главен наставник е Оџалан“.
На училишните фестивали учениците носат транспаренти со водачите на ПКК.
Меѓу другото, во книгите има и содржини и фотографии на терористи што загинаа во конфликтот во Сирија и песни напишани за нив.
- Близу 4 илјади луѓе чекаат да бидат ослободени
Според извештајот на мрежата, има најмалку 3.784 приведени наставници, од кои 176 се жени.
За најмалку 2.147 наставници нема информации за тоа каде се наоѓаат.