Eşber Ayaydın
28 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
ТЕЛ АБЈАД (АА)
Ешбер АЈАЈДИН
Терористите на ЈПГ/ПКК, во периодот кога го држеле Тел Абјад под окупација, жителите ги притворале без причини и извршувале тортура врз нив, а исто така, присилно ги затворале дуќаните за еснафот да не може да работи.
Благодарение на операцијата „Извор на мирот“, која ја започнаа Турските вооружени сили (ТСК) во северна Сирија, со цел оневозможување на формирањето терористички коридор, близу јужната граница на Турција и за обезбедување мир и спокојство во регионот, пред извесно време градот Тел Абјад беше ослободен од терористи. Операцијата која се водеше против терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ беше поддржана од Сириската национална војска (СНВ).
Во Тел Абјад животот полека се враќа во нормала, а луѓето се радуваат на тоа дека повторно се слободни.
Исмаил Абдула Хамуд, сопственик на колонијал во Тел Абјад, за дописникот на АА рече дека почнале да живеат во мир и спокој откако терористите биле исчистени од областа.
Хамуд, истакнувајќи дека многу се среќни што повторно ја имаат својата слобода, рече:
„Само Господ знае за бруталноста што ја видовме од терористичката организација. Беше многу сурова кон нас. Ни ги затвораше дуќаните, не ни дозволуваше да работиме. Терористичката организација не ни дозволуваше да ги отвораме продавниците. Секој ден ги притвораше нашите луѓе. А кога ги отворавме дуќаните, ни земаше таканаречена царина за зеленчук. Еден килограм домат требаше да изнесува 50 сириски лири, но поради таа царина цената се зголемуваше на 150 сириски лири.“
Мехмет Мустафа, кој работи како бербер, рече дека терористичката организација дозволувала да работат само нејзините луѓе, а на другите не им давала можност за работа.
Истакнувајќи дека терористите присилно ги затворале нивните дуќани, Мустафа нагласи: „Регионот е исчистен од терористи, состојбата сега е многу добра. Ако некој доаѓа од Турција, можеме да кажеме дека условите тука се добри. Има леб, има многу зеленчук, дуќаните се отворија и животот е убав. Терористичката организација ни нанесе многу проблеми, присилно ни ги затвораше дуќаните, сосила нѐ тераше да излегуваме на протести. Присилно нѐ регрутираше за војска, затоа моравме да ги затвориме нашите дуќани.“
- „Нашите ерменски браќа можат да дојдат во црква и да се молат“
Еден од командантите на СНВ, Хамед Самир, рече дека ПЈД/ПКК ерменската црква ја претворила во свој штаб и дека кога го напуштиле регионот, терористите поставиле експлозиви во црквата.
Информирајќи дека областа е исчистена од експлозив, Самир изјави: „Терористите од црквата со минофрлачи гаѓаа кон Турција. Турските браќа, поради почитта кон браќата Ерменци, не гаѓаа кон црквата. Црквата веќе е исчистена, нашите ерменски браќа можат да дојдат во црква и да се молат.“
Војник на СНВ, Ахмет Абдулаќим, истакнувајќи дека жителите претрпеле големи маки од терористичката организација, рече дека организацијата го заробила домот на неговото семејство во Тел Абјад.
Абдулаќим велејќи дека е ограбено сѐ што имал во куќата, додаде: „[Терористичката организација] Им зададе големи проблеми на нашите семејства. Го мачеше татко ми пет месеци. Ги заплени нашите куќи, ги зеде нашите работи. Сега избега, а ние се вративме и видовме дека нашите домови се празни.“