Тајланд изврши воздушни напади долж спорната граница со Камбоџа
- Тајландските воздухопловни сили употребиле борбени авиони Ф-16 во нападот врз воени позиции на Камбоџа во реонот Чонг Ан Ма, со образложение дека станува збор за „одмазднички напади по серија камбоџански напади“.
АНКАРА (АА) – Тајланд утринава изрши воздушни напади долж спорната граница со Камбоџа, по новите вооружени судири во кои загина еден тајландски војник, а четворица беа повредени, јавија локалните медиуми, јавува Анадолу.
Инцидентот го доведува во прашање кревкиот прекин на огнот постигнат под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според државниот сервис Thai PBS World, тајландските воздухопловни сили употребиле борбени авиони Ф-16 во нападот врз воени позиции на Камбоџа во реонот Чонг Ан Ма, со образложение дека станува збор за „одмазднички напади по серија камбоџански напади“.
Портпаролот на Тајландската армија, генерал-мајор Винтаи Сувараи, соопшти дека авионите биле испратени во акција откако камбоџанските сили употребиле артилерија и воздушни боеви средства врз тајландската база Анупонг.
„Позициите активно ги напаѓаа тајландските единици,“ рече тој, додавајќи дека операциите продолжуваат.
Камбоџа соопшти дека нападите ги поткопуваат обврските преземени со договорот за прекин на огнот, кој предвидува воздржување од непријателски дејства и решавање на споровите со мирни средства, пренесе Кмер Тајмс.
Министерството за национална одбрана на Камбоџа ги обвини тајландските сили за „брутални и нечовечки“ напади врз камбоџанските позиции во провинцијата Преах Вихеар, оценувајќи дека станува збор за „тешко кршење“ на мировниот договор.
Голем број цивили се евакуирани од пограничните подрачја од двете страни на зоната на конфликтот.
Спорот ескалираше во смртоносни судири во јули, принудувајќи илјадници луѓе да се раселат.
Камбоџа и Тајланд потпишаа договор за прекин на огнот во Куала Лумпур на 26 октомври, на маргините на самитот на АСЕАН, на кој присуствуваа Трамп и малезискиот премиер Анвар Ибрахим, во обид да го решат нивниот долгогодишен граничен спор.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
