Bilal Güler
02 Август 2022•Ажурирај: 03 Август 2022
КАБУЛ (АА) - Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, го осуди нападот со американско беспилотно летало во главниот град на Авганистан, Кабул, каде што беше убиен водачот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На својот профил на Твитер, Муџахид нагласи дека нападот врз куќа во населбата Шерпур во центарот на Кабул во неделата наутро бил извршен од американско беспилотно летало.
Осудувајќи го нападот, Муџахид рече дека тоа е кршење на меѓународните принципи и договорот од Доха постигнат во 2020 година меѓу САД и талибанците во однос на заминувањето на странските сили од Авганистан.
Муџахид немаше коментар во однос на смртта на Завахири.
- Слушнати експлозии на три места -
Околу 06:00 часот во неделата на три различни точки во Кабул се слушнати силни експлозии.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи на талибанската администрација се наведува дека имало ракетен напад врз празна куќа во округот Шерпур, но дека немало жртви.
Исто така, отфрлени се наводите дека нападот е извршен со беспилотни летала.
Потврдувајќи дека Завахири е убиен во воздушен напад во Авганистан, американскиот претседател Џо Бајден рече: „Завахири си замина и никогаш повеќе Авганистан нема да биде безбедно засолниште за терористите и ние ќе се увериме во тоа. Овој терористички водач повеќе го нема.“